Кумановските пожарникари во текот на вчерашниот ден два пати гаснеле пожар кај „Ловечки дом“ во близина на село Проевце, информираше денеска регионалниот центар за управување со кризи Куманово. Првпат горела опожарена сува трева во период од 13:20 до 15:00 часот и четворица пожарникари ја гаснеле со две противпожарни возила. Втората интервенција била на истата локација повторно сува трева и противпожарната единица гасела со едно возило и двајца пожарникари во периодот од 17:50 до 20:40 часот.
– Од дежурниот бевме известени дека за овие неколку дена во село Проевце бележат шест интервенции во близина на Ловечки дом каде е потпалена сува трева на различни локации во кругот на домот и најверојатно намерно се потпалува од засега непознато лице – информираат од РЦУК Куманово.
Во дневниот билтен се пренесува и информација дека за вчерашниот пожар на помошен објект во село Пчиња во кој беше повреден сопственикот на објектот. Три противпожарни возила со шестмина пожарникари го гаселе во периодот од 04:05 до 06:30 часот. Повреденото лице е пренесено во болницата за укажување лекарска помош. Во пожарот изгореле земјоделски машини жито и други предмети.