More

    Тоа е во наш национален интерес, рече Муцунски на средбата со Столтенберг

    spot_img

    Како членка на НАТО мораме да бидеме одговорна земја посебно во период на навистина сложен геополитички контекст на континентот на којшто ние живееме, порача денеска од Брисел министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во седиштето на Пактот.

    – Не е прашање дали треба, туку мораме да ги продолжиме таквите инвестиции. Тоа е во интерес на Алијансата на која што сме член, но сметаме дека тоа е и во наш национален интерес – изјави Муцунски, потврдувајќи ја посветеноста на земјата на исполнување на обврската за издвојување на средства до Буџетот за одбраната на ниво најмалку два проценти од националниот БДП.

    Муцунски изрази задоволство од средбата со Столтенберг, која ја оцени како позитивна и срдечна и на која ги потврдил заложбите на новата Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, поврзани со нашето членство во НАТО, како поддршката на политиката за одбрана и одвраќање и континуираната поддршка на Украина.

    Шефот на дипломатијата додаде дека со Столтенберг разговарале за претстојниот самит на НАТО во Вашингтон на кој ќе се одбележат 75 години од формирањето на Алијансата и каде што шеф на нашата делегација ќе биде премиерот Мицкоски.

    – Планираме активно учество каде што ќе се носат клучни одлуки поврзани со иднината на Алијансата и ние секако ќе бидеме активен чинител во придонесувањето на тие идни политики – додаде Муцунски.

    Тој потенцира дека покрај 100-процентната усогласеност на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, дополнително еднакво значајно е тоа што таа како мала држава го прави како членка на НАТО.

    – Заштитата на поредокот на меѓународното јавно право е многу значајна. Oд таа гледна точка, тoa што се случува во Украина, но и од безбедносна гледна точка не смее да се дозволи кога било да се повтори. Нашите заложби како политички така и безбедносни ќе продолжат во насока на поддршка на Украина и ставање на што е возможно побрз крај на тој тажен воен конфликт – заклучи Муцунски.

    Дводневната работна посета на Брисел министерот Муцунски ќе ја продолжи со средби со претставници на Европската Унија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img