Млад британски турист загина во страшна несреќа во која телото му било распарчено од пропелерите на хеликоптер, пред очите на неговиот брат, на хелидромот Спата во Грција, објави Дејли мејл.
21-годишното момче, за кое засега се знае дека потекнува од богато семејство, а неговиот идентитет сѐ уште не е откриен, синоќа полетало од Миконос со хеликоптер со уште тројца туристи, меѓу кои бил неговиот брат. Зад нив летал друг хеликоптер во кој биле нивните родители.
Момчето излегло од хеликоптерот „бел 407“ и додека пропелерите сѐ уште работеле, го заобиколило леталото. При тоа му била отсечена главата. Била повикана брза помош, но момчето било мртво.
Пилотот е уапсен со обвинение за убиство, а двајца техничари се задржани во полиција додека се истражуваат околностите за смртта на момчето.
Полицијата соопшти дека пропелерите продолжуваат да работат уште околу 2 минути откако ќе се исклучи моторот, сѐ додека пилотот не го притисне копчето стоп. Вратите на хеликоптерот немаат клуч, така што секој може да излезе кога сака. Истрагата ќе се фокусира на тоа дали пилотот им кажал на патниците да излезат.
Родителите кои биле во друг хеликоптер слушнале за несреќата преку радио врска, а нивниот пилот решил наместо во Спата, да слета на аеродромот во Атина за да ги поштеди родителите од трагичната глетка.
Семејството требало да се врати во Британија со приватен авион од аеродромот Елефтериос Венизелос во Атина. Пред хелидромот во Спата ги чекале лимузини кои требало да ги однесат на аеродромот во Атина. Се проценува дека двата лета со хеликоптер чинеле повеќе од 15.000 фунти.