ВМРО-ДПМНЕ ќе собира 150 илјади потписи за референдумско изјаснување на граѓаните со цел спречување на асимилацијата и бугаризација на македонскиот народ и држава. Македонската јавност вчера по потпишувањето на Протоколот помеѓу Македонија и Бугарија конечно имаше можност да ги види предавства на Ковачевски, Османи и Маричиќ, се вели во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните имаат право да го дадат своето мислење, а со тоа да го искажат својот став во однос за овој дипломатски нокаут од страна на оваа ненародна власт предводена од предавникот Ковачевски. Граѓаните ќе го кажат својот став во однос дали ги поддржуваат оваа рамка и протокол кои значи менување на историја, учебници, култура и идентитет на државата и македонскиот народ“, порачаа од опозициската партија.
Оттаму додаваат дека референдумското гласање од страна на граѓаните не значи и повлекување од блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од коалицијата на уставните измени.
„Напротив и покрај блокадата на уставните измени граѓаните ќе имаат можност да го кажат своето мислење дали се ЗА или ПРОТИВ ова предавство“, се вели во соопштението.