ЕУ се подготвува да објави нова рунда санкции против Русија во следната недела, со кои се очекува да се забрани увозот на руско злато и да се „затворат постоечките дупки“ во режимот на казнени мерки, дознава EURACTIV.
Подготовките на амбасадорите на ЕУ за седмиот пакет санкции продолжуваат на 14 и 15 јули, а веројатно е дека членките на ЕУ ќе ги одобрат кон средината на следната недела, изјавија за бриселскиот портал неколку дипломати на ЕУ.
Таканаречениот пакет за имплементација би вклучувал забрана за увоз на руско злато, што претставува најголем извоз на Русија кога се исклучени енергетските производи, пишува Euractiv.
Овие мерки беа договорени на самитот на Групата 7 во јуни од Франција, Германија и Италија со партнери од САД, Канада, Јапонија и Велика Британија.
Аналитичарите велат дека забраната би била посимболична, бидејќи претходните санкции против Москва веќе ефективно ги затворија европските и американските пазари, вклучително и трговските центри во Лондон и Цирих.
Новиот пакет, исто така, ќе ја прошири листата на стоки со двојна намена, чиј извоз е забранет во Русија, како и списокот на поединци и субјекти поврзани со поширокиот круг околу претседателот Владимир Путин, велат дипломатите на ЕУ.
Исто така, целта на новиот пакет санкции е да се „затворат дупките“ во претходно одобрените казнени мерки, како што е додавање на некои производи на листата на забранети стоки.
Пакетот може да вклучува и белешки за неодамна објавеното појаснување на Европската комисија во врска со транзитот на санкционирани производи во Калининград, велат дипломатите.
Официјални и дипломати не очекуваат проблеми со седмиот пакет санкции против Русија, бидејќи имаше околу шестиот за увозот на руска нафта и ставањето на листата на санкционирани лица на рускиот патријарх Кирил.
Инаку, повеќето членки на ЕУ се согласуваат дека санкциите ја „вршат работата“, но дека е потребно време за да се покаже нивното целосно влијание врз руската економија.
Сепак, Унгарија смета дека ЕУ треба да престане да додава санкции кон Русија за нејзината инвазија на Украина и наместо тоа да бара да постигне прекин на огнот и да започне преговори.
Во новиот пакет нема да има санкции во енергетскиот сектор, иако дел од членки на ЕУ, особено од истокот, бараат тие да бидат меѓу новите мерки.
„Најгласните“ меѓу нив сметаат дека пакетот треба да содржи целосна забрана за увоз на сурова нафта од Русија, како и нови мерки за гас.
Сепак, други дипломати од ЕУ укажуваат дека не постои можност за такво нешто, бидејќи многу европски земји се уште се многу зависни од увозот на руски енергетски производи, особено гас.
„Проблематично е да се вклучи енергијата, бидејќи мора да се почитува правилото дека санкциите мора да влијаат на Русија повеќе отколку на земјите што воведуваат санкции“, рече чешкиот премиер Петр Фијала на 13 јули.
Чешка, која во моментов претседава со ЕУ, е една од земјите-членки која е речиси целосно зависна од Русија за испораките на гас.
Во последниве месеци, украинските власти лобираа седмиот пакет санкции на ЕУ против Русија да вклучи блокада на сите руски банки кои сè уште не се цел, опција за која дипломатите на ЕУ велат дека може да се разгледа за идните рунди санкции.