По најавата на американскиот претседател Џо Бајден дека САД и други земји-членки на Г-7 ќе забранат увоз на злато од Русија, денеска порасна цената на благородниот метал на светските берзи.
На физичкиот пазар цената на златото порасна за 0,6 отсто и унца се продава за 1.838,87 долари. Во фјучерсите на американскиот пазар, златото се тргуваше по 0,5 отсто повисока цена односно 1.840,40 долари за унца.
Велика Британија, САД, Канада и Јапонија на Самитот на Г-7 одлучија да го забранат увозот на руско злато во новиот пакет санкции против Москва поради нејзината инвазија врз Украина.
Втор најголем приход за Москва е од извозот на злато. Русија годишно произведува од 350 до 380 тони злато.
Меѓу другите теми на разговор, на нивната денешна средба, лидерите на Г-7 изразија „сериозна загриженост“ поради најавата на Русија дека може да пренесе ракети со нуклеарно полнење во Белорусија, јави ДПА.
Во заедничката изјава од вториот ден на тридневниот самит во Баварските Алпи, лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД соопштија дека ја осудуваат „неоправданата употреба на нуклеарна реторика и сигнализација од страна на Русија .
„Русија мора да ги почитува своите меѓународни обврски, вклучително и оние кои забрануваат употреба на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје“, се наведува во соопштението.
„Ја повикуваме Русија да се однесува одговорно и да покаже воздржаност, и повторуваме дека секоја употреба на такво оружје би била неприфатлива и ќе има тешки последици“, наведуваат лидерите на Г7 во заедничката изјава пренесдена од ДПА.
Коментарите доаѓаат откако претседателот Владимир Путин, наводно, му рекол на белорускиот лидер Александар Лукашенко, неговиот најблизок сојузник во војната против Украина, дека Русија во следните неколку месеци на белорусија ќе и испорача проектили способни да носат нуклеарни боеви глави, јави ДПА.