На стадионот „Птичјо гнездо“ се одржа церемонијата на затворање на 24. Зимски олимписки игри во Пекинг, со што е ставен крај на 16-дневните натпревари во повеќе зимски спортови.
Главната тема што се провлекуваше низ церемонијата на затворањето беа среќата и радоста, а тоа е сликата што домаќинот на Игрите и главниот режисер Џанг Јиму сакаше да му ја испрати на светот. На затворањето беа присутни и многу елементи од отворањето, како џиновската снегулка, а централниот дел на церемонијата беше дефиле на спортистите од сите земји учеснички на овие Олимписки игри.
„Свеченото затворање повеќе ќе биде фокусирано на олимпијците отколку на спектакуларни претстави. Олимпијадата е таму поради спортистите и сакам тие да се чувствуваат среќни за време на церемонијата. Сакам се да биде една голема забава и целиот свет да се радува на едно место, на стадионот“, изјави Џанг Јиму , главниот директор на свеченото затворање, непосредно пред почетокот.
На крајот на церемонијата, олимпиското знаме беше спуштено и предадено на Италија, домаќинот на следните Зимски олимписки игри во 2026 година, а крајот на Игрите официјално го објави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах . Следните Зимски олимписки игри ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година, домаќин е Милано и ски-центарот Кортина д’Ампецо.