Литар зејтин 152 денари, а леб има и под 40 денари

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Трговци веќе ги намалија цените на прехранбените производи, по последната владина мерка за замрзнување на маржите на 5 и на 10 отсто. Дел од нив, сепак, чекаат одлуката на Владата за намалување на маржите да се објави во Службен весник, па да ги прават пресметките. Кај нив цените и денеска беа по старо.

Граѓаните, иако задоволни, велат дека и со вакви цени тешко врзуваат крај со крај.

Во маркетот на трговски ланец што го посетивме денеска работниците брзаа да постават нови количини на прехранбени производи, а и цените беа нови за одделни производи. Така, цената на зејтинот, иако во ограничен избор („брилијант“ и „ле бон“) се движеше од 149 до 152 денари. Пред два дена таа беше од 156 до 163 денари.

И лебот доби нова цена. Денеска го имаше од повеќе видови ,со цена од 30 до 41 денар. Претходно не можеше да се најде леб со цена под 40 денари.

Денеска брашното тип-400 имаше цена од 32 до 54 денари, а шеќерот 56 денари. Пред два дена килограм брашното се продаваше за 54 до 60 денари. Поевтинија и тестенините, кои денеска осамнаа со цена од 22 до 40 денари, зависно од производителот.

Овчкото сирење „Бучен Козјак“, кое пред два дена чинеше 395 денари, сега има цена од 289 денари, „Осоговското“ овчо сирење, пак, чини 479 денари за килограм.

Трајното млеко денеска е со цена од 64 денари (битолско), а и јогуртот е со нова цена.

Граѓаните, за разлика од изминатиот период, не правеа турканици во продавниците и се задоволни што цените паднаа.

– Да, цените паднаа, но само до септември. Од септември, заедно со високите сметки за греење, ќе имаме веројатно и високи цени за храната. И новите цени за нашиот стандард се високи. Ние дома сме двајца пензионери со ниски пензии и како да излеземе на крај со трошоците? – вели скопјанка што ја анкетиравме.

Друг граѓанин, пак, вели дека во другите продавници не видел намалување на цените.

– Се чини дека трговците бавно реагираат кога е во прашање намалувањето на цените. Еве, во продавницата од која доаѓам сè уште не се намалени цените на лебот. Продавачката вели дека не стасале да ги сменат цените. Работела цела ноќ. Ама пред 10 дена, кога владата ги тргна маржите, уште вечерта ги залепија новите цени на сите производи – вели тој.

Владата пред два дена одлучи да ги намали маржите на трговците за одделни прехранбени производи во висина од 5 и 10 отсто.

За леб бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел, како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало. За брашно од пченица тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и за јајца од кокошка, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.

Share This Article