Извештајот од обдукцискиот наод направен врз телото на починатиот хрватски ракометар Денис Тот го направивме и го испративме уште во април годинава, а сега работиме на барањето за вештачење, односно на откривање на начинот на повредување и на причината за настанување на смртта, за Плусинфо вели директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
На прашањето зошто и по два месеца по убиството јавноста не е информирана за причините за смртта на ракометарот, која, според снимката од безбедносните камери пред скопската дискотека „Привилиџ“, настанала откако Хрватот влегол во директен конфликт со две момчиња и една девојка, Станков вели дека истрагата за случајот сѐ уште не е завршена и дека одговорите треба да ги побараме во Јавното обвинителство.
– Како не разбирате дека истрагата сѐ уште е во тек и дека податоците од обдукцискиот извештај не смеат да излезат во јавноста? На крајот на краиштата, одговор на вашите прашања побарајте директно од јавниот обвинител, ама бидете сигурни дека во моментов нема ништо да ви кажат. Инаку, извештајот од обдукцијата ние го завршивме и го испративме по само две недели од убиството, но сега работиме на барањето за вештачење. Односно, сега се обидуваме да го дознаеме начинот на повредување, како бил повреден ракометарот, како настанала смртта – изјави Станков.
Тоа што Плусинфо неофицијално го дознава од луѓе коишто го виделе лабораторискиот извештај е дека не се пронајдени траги на наркотици кај ракометарот за време на настанувањето на смртта, а наводно, во неговата крвна анализа било констатирано големо количество на алкохол.
Убиството се случи ноќта помеѓу 6 и 7 април пред главниот влез на дискотеката „Привилиџ“ во Градскиот парк, а на снимката се гледа како тројцата осомничени – Анџело Ѓоргиевски, Андреј Костовски и Клементина Левковска – влегуваат во такси, а веднаш по нив влегува и ракометарот Денис Тот.
По кратка расправија во автомобилот, сите излегуваат надвор, а првоосомничениот Ѓоргиевски му удира две тупаници на Хрватот, кој веднаш како покосен паѓа на земјата и удира со задниот дел на главата во бетонот.
На снимката јасно се гледа и дека додека ракометарот во бесознание лежи на земјата, осомничената Левковска му задава уште неколку удари во главата, а еднаш го удира и осомничениот Костовски.
Левковска и Костовски уште следниот ден ѝ се предадоа на полицијата, а по првоосомничениот Анџело Ѓогиевски беше распишана меѓународна потерница, па по неколку дена и тој самиот се пријави во полициска станица. На тројцата им е изречена мерка притвор.