Температурните шокови поизразени се во пролет, отколку во есен, а повеќе ги чувствува женската популација, отколку мажите, вели за МИА д-р Нора Господинова – Николовска, специјалист по интерни болести во општата болница Куманово.
Наглите температурни разлики негативно влијаат врз здравјето на човекот, а според лекарите, засегнати се и хронично болните, но и работоспособните луѓе, децата, па дури и доенчињата.
– Температурните шокови се поизразени во пролет, отколку во есен, а повеќе ги чувствува женската популација, отколку мажите, вели докторката.
Температурните разлики негативно влијаат врз кардиоваскуларниот и респираторниот систем, ги влошуваат постоечките состојби како што е мигрената, а имаат влијание и врз менталното здравје. Температурните разлики во самиот ден и преку ноќта, преодот од зимско кон пролетно време предизвикуваат варијации во кардиоваскуларниот систем, што резултира со покачен крвен притисок.
– Температурните разлики водат до нарушувања на имуниот одговор, односно го намалуваат, што доведува до зголемување на инфекциите. Студеното време води ги стеснува крвните садови, ја отежнува работата на срцето кое треба да работи понапорно, да пумпа повеќе крв. Истражувањата покажале дека инфарктите настануваат точно кај такви температурни варијации, вели д-р Господинова-Николова.
Таа препорачува оние кои веќе имаат дијагностицирани проблеми редовно да ја земаат пропишаната терапија. Дел од пациентите во овој период во пролет се жалат на малаксаност, замор, нарушен сон, без некоја конкретна здравствена причина.
– Организмот веќе е исцрпен од зимата кога имало намалено внес на витамини, краткиот ден и ниските температури водат до нарушување на сонот, на неговото времетраење и на квалитетот, до несоница и поспаност, вели таа.
Скратувањето на еден час од преодот од зимско кон летно сметање на времето предизвикува краткорочни последици како што се вртоглавица, подолготрајни главоболки, варијации на крвниот притисок.
– Советувам внимателен избор на облеката, зголемен внес на овошје и зеленчук, зголемен внес на течности, доволно време за спиење, а умерената физичка активност, како што е пешачењето е клучна за одржување на здравјето, вели докторката.