Неколку лица заболени од мајмунски сипаници се потврдени во Португалија, што би можело да биде прво глобално избивање на оваа ретка болест надвор од Африка.
Португалските власти денеска соопштија дека регистрирале пет случаи на ретка инфекција со мајмунски сипаници. Сите пет пациенти со потврдена болест (од 20 сомнителни случаи) се мажи и сите живеат во регионот на Лисабон и долината Тејо и се во стабилна здравствена состојба, соопштија португалските здравствени власти.
И шпанските здравствени служби тестираат осум потенцијални случаи, но кај ниту еден од нив не се потврдени мајмунски сипаници, соопшти денеска Министерството за здравство на Шпанија.
Двете земји испратија предупредувања до здравствените работници да помогнат во идентификувањето на нови случаи.
Европските здравствени власти ја следат секоја појава на болеста откако Велика Британија го пријави првиот случај на мајмунски сипаници на 7 мај годинава.
Мајмунските сипаници се ретка вирусна инфекција слична на човечките сипаници, иако поблага, а првпат беше пријавена во Демократска Република Конго во 1970-тите.
Досега случаите со мајмунски сипаници биле ограничени на патници и нивни роднини кои се враќале од западна и од централна Африка, каде вирусот е ендемичен. Но, експертите сега се плашат дека овие сипаници би можеле да се шират во Европа, откако и кај седуммина Британци била дијагностицирана болеста минатите две недели. Изгледа дека шестмина од нив се заразиле во Британија, а повеќето случаи не се поврзани, што сугерира дека многу случаи остануваат неоткриени.
Лекарите смируваат дека болеста нема да се шири како ковид.