„Денес дадов оставка. Сепак се работи за моето гледиште, против гледиштето на установата. Добив и повик којшто не звучеше како начин да се најде решение, па така, за општо добро и без непотребна лоша енергија, сметам дека мојот потег е неопходен“.
Вака, кусо и достоинствено, Дамјан Пејчиновски, водечки македонски гитарист од помладата генерација, се откажа од своето професорско место во музичката паралелка во Струга, подружница на средното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ од Тетово. Претходно, тој на Фејсбук откри дека дека му била намалена професорската плата од 42.000 денари на 10.000 денари, поради намалениот фонд часови.
„ Иако постојат многу вработени коишто земаат плата воопшто недоаѓајќи на работа, сепак, поради намалениот мој фонд на часови и недоволниот број на ученици по гитара (кој според училиштето е моја вина), претпоставените одлучија дека јас треба да сум жртвеното јагне кое треба да најде начин да го преживее месецот со плата дупло помала од државниот минималец. Сепак, ова ме инспирира, да работам, да свирам повеќе и интелектуално да напредувам“, напиша популарниот Пејчин на Фејсбук.
Проф. д-р Димитри Кумбароски, раководител на дисперзираните паралелки во Струга на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ и Наставничкиот совет испратија демант на објавата на Плусинфо за овој случај.
Во демантот се тврди дека Пејчиноски објавил коментар во врска со својот статус во училиштето, во кој изнел „информации кои не се целосно точни“, што предизвикало реакции во јавноста. Овие реакции, според демантот, „резултирале во создавање погрешна перцепција за состојбата и за начинот на кој училиштето се раководи и функционира“.
„Нашата совест е чиста, бидејќи сите наши постапки се во согласност со етичките принципи, законските прописи и интересите на училиштето. Секогаш сме се стремеле кон фер однос и правичност во третманот, вклучително и кон колегата Пејчиноски. Доколку имало недоразбирање или несогласување, сме се трудиле да го адресираме преку отворен дијалог, бидејќи веруваме дека на тој начин можеме да ги решиме сите прашања“, се вели во демантот.
Кумбаровски демантира и некакви клевети и навреди упатени кон него лично, кои не се објавени ни во постот од Дамјан Пејчиновски, а ниту во текстот на Плусинфо.
Во демантот, Кумбаровски детално расправа и како течела комуникацијата меѓу него и Пејчиновски во врска со оставката односно отказот што го дал македонскиот гитарист. Комуникацијата е сосема пристојна, но ирелевантна во поглед на одлуката на Пејчиновски да го напушти училиштето.
Во демантот се вели дека по најавата на Пејчиновски за отказ, Кумбаровски му предложил да се состанат „во присуство на сите колеги за да ги разјасниме недоразбирањата“. Дамјан одбил да присуствува. За Кумбаровски ова оставило „простор за сомнежи околу искреноста на намерите за решавање на ситуацијата“. За секој непристрасен читател, реакцијата на Пејчин е само потврда не неговата зрела одлука да е збогува со училиштето кое не умее да го цени.
Во остатокот од демантот, Кумбаровски се занимава со порталот Плусинфо и со нашето разбирање на постапките кон Пејчиновски како казна. Се објаснува нешто што сите го знаеме и што Пејчин во изјава токму за Плусинфо не го спори, а тоа е дека одлуката на училиштето да му ја намали платата од правен аспект веројатно е неспорна.
Во демантот на Кумбаровски, Дамјан Пејчиноски се обвинува дека ги губел часовите поради неговиот недостаток на иницијатива да се вклучи активно во процесот на привлекување нови ученици. На Пејчин му се префрла дека „демонстрира самоволие и ароганција кон работните обврски“, со што наводно му нанел „штета на училиштето“.
На крајот од демантот, Кумбаровски и Наставничкиот демант бараат некакво јавно извинување, како „одговорен и чесен чекор“.
Не знаеме како ќе постапи Дамјан Пејчиновски, но Кумбаровски и неговиот Наставнички совет од Плусинфо нема да добијат никакво јавно извинување. Напротив, училишните власти ѝ должат извинување на македонската јавност што не успеале да изменаџираат една ситуација, со цел да задржат врвен уметник во наставниот процес.