Инспектори од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), минатата недела спроведоа вонредни надзори во магацини за пакување на новогодишни пакетчиња, маркети и во продавници кои вршат промет со новогодишни пакетчиња. Во рамки на спроведените 62 контроли, утврдено е несоодветно означување на пакетчињата кај 4 оператори, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Кај 3 вида на пакетчиња е констатирано дека на збирното пакување нема наведено рок на траење, односно датум на минимална трајност на производите кои ги содржи новогодишното пакетче, поради што е наредено да се повлечат од промет“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Кај 2 пакетчиња се најдени производи со изминат рок, како и со краток рок на траење до 12.2024 година. Констатирани се и органолептички промени на производите во збирните пакувања кои се со уреден рок на траење. На операторите кај кои се утврдени неусогласености им е наредено да ги повлечат пакетчињата од промет и да ги уништат“, соопшти АХВ.
За констатираните неправилности, се додава во соопштението, се издадени решенија за отстранување на неусогласеностите, а изречени се и соодветни прекршочни пријави.