Група студенти кои протестираат влегоа во Собранието на градот Ниш, во јужна Србија, каде што министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ отвора јавна расправа за четири законски предлози за образованието.
Тие скандираат „Сакаме правда“ и „Студентите не молчат“.
Во Ниш беше организирана првата јавна расправа за нацрт-измените на четири закони од областа на образованието.
Единаесет факултети на Универзитетот во Ниш се во блокада и заедно со колегите од факултетите од другите универзитетски центри бараат одговорност за смртта на луѓето на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември. Во Србија блокирани се десетици факултети, неколку универзитетски кампуси и неколку средни училишта.
Меѓу барањата на студентите е и објавување на целосна документација за уривањето на бетонската настрешница од железничката станица во Нови Сад – за да се утврди политичка и кривична одговорност за несреќата во која загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени. Исто така, барањето е да се идентификуваат и кривично да одговараат напаѓачите на демонстрантите на протестите низ Србија кои уследија по несреќата во Нови Сад.
Барањето вклучува и ослободување на активистите уапсени за време на протестите и запирање на кривичната постапка против нив.
Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, а студентите демантираат, наведувајќи дека објавената документација за реконструкција на железничката станица е некомплетна.