Инспектори на Управата за јавни приходи (УЈП) во саботата вечер влегле на настанот во дискотека во Штип организиран од Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и од инфлуенсерот Стефан Лазаров, поради организирање на наградна игра без дозвола, објави Радио Лидер.
Инспекторите заплениле билети за наградната игра, договори за деловна соработка, документација и пари во кеш. Боки 13 и Стефан Лазаров во неколку наврати, за време на настанот, од бината соопштија дека не станува збор за наградна игра. Но, извлекувањето добитници на награди и фактот дека купените тикети се услов и за добивање на главната награда (стан во Скопје), упатуваат на заклучокот дека станува збор за наградна игра, за која организаторите немаат побарано ниту добиено дозвола од Министерството за финансии во согласност со Законот за приредување наградни игри.
Дискотеката во Штип не е единствената фирма која издава тикети за наградната игра којашто Боки 13 и Лазаров ја опишуваат како „историски гивавеј”. Наградната игра има јавно објавени генерални спонзори и компании кои ги доделуваат наградите.
Деновиве беше соопштено дека осуденикот за случајот „Рекет”, Бојан Јовановски, затворската казна во следните 3 месеци нема да ја издржува во „Идризово”, туку на слобода, бидејќи се стекнале со инвалидитет од прв степен.