Гевгеличанка вчера загинала, откако со автомобилот „шкода“ излетала од автопатот Скопје-Гевгелија, на делницата од Прдејци до Смоквица. 56-годишната жена починала на самото место.
„Вчера во 7 часот во полициската станица Гевгелија било пријавено дека на автопат А1, на делницата од клучката с.Прдејци до клучката с.Смоквица, патничко возило шкода со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од В.К.(56) од Гевгелија, излетало надвор од патот. Од здобиените повреди на местото починала В.К., а смрт констатирал лекар од Медицинскиот центар Гевгелија“, соопшти полицијата.
Увид на местото извршиле јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и екипа на ОВР Гевгелија. По наредба на обвинителот, телото на загинатата е предадено на обдукција.