Политиката на САД во врска со користењето на американско оружје од страна на Украина за напади на руска територија не е променета и Вашингтон дозволува адаптација и корекција на оваа политика доколку тоа е соодветно, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
– Не поседувам никакви нови информации за оваа политика. Како што знаете, уште пред Русија да ја започне својата сеопфатна инвазија, САД формираа коалиција од над 50 земји за да ѝ помогнат на Украина и да ја повикаат Русија на одговорност за нејзините дејствија. Јасно ставивме до знаење дека ќе ги адаптираме и коригираме потенцијалите што ѝ ги обезбедуваме на Украина кога тоа е соодветно, и видовте дека тоа го потврдуваме со нашите дејствија во изминатите неколку години – одговори Милер на прашањето каква е политиката на САД во врска со употребата на американските ракетени системи Атакмс од страна на Украина против цели на територијата на Русија.
Милер истакна кои дејствија на Москва можат да доведат до ескалација на конфликтот.
– Ако зборуваме за ескалација на овој конфликт, се гледа дека токму Русија постојано ескалира. Вклучувајќи ги неодамнешните дејствија со руската мобилизација на над 11.000 севернокорејски војници, кои сега се на првата борбена линија во Курската област и учествуваат во борбите против украинската армија. Ова е сериозна ескалација од страна на Русија – да се вклучи војска од Азија во конфликт во Европа – изјави Милер.
Тој додаде дека ќе продолжат да превземаат мерки.
– Како што веќе истакна државниот секретар (Блинкен), нашиот одговор на ова ќе биде решителен и реакцијата на сојузниците на Украина треба да биде подеднакво решителна. Ние ќе продолжиме да преземаме мерки за да ја повикаме Русија на одговорност за нејзините дејствија, вклучувајќи ги и оние што го ескалираат конфликтот, како и Северна Кореја за нејзините ескалациски постапки – нагласи Милер.
Претставникот на Стејт департментот одби да ја потврди веродостојноста на информациите дека Франција и Велика Британија, во договор со САД, решиле да ѝ дозволат на Украина да користи далекусежно оружје за напади врз територијата на Русија, вклучувајќи ги ракетите Сторм шадоу.
– Не сум подготвен да ги потврдам овие информации во име на САД, нема да зборувам во име на други земји – рече Милер.