Зелениот картон уште е неопходен документ за влез со моторни возила во било која држава во Европа, како и во соседните Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Молдавија. Тој е во функција и е неизвесно кога и дали воопшто ќе има промени околу неговото користење, соопшти денеска Националното биро за осигурување.
Од Бирото велат дека прашањето за спојување на зелениот картон и вклучување на премијата од зелениот картон во полисата за осигурување од автомобилска одговорност е доста комплексно и сериозно прашање кое подлежи на меѓународна и домашна регулатива.
-Тоа не е нешто што може да се промени преку ноќ, и затоа не треба да се шпекулира, и корисниците да се доведуваат во заблуда – велат од Националното биро за осигурување.
Оттаму потврдуваат дена на оваа тема се разговара во регионот, но, велат, во моментов нема консензус ниту заеднички став, бидејќи членките држави на CEFTA имаат во примена сосема различни модели на функционирање на системот на зелената карта.
Од Националното Биро истакнуваат дека тoa e комплексно прашање кое што не може да се регулира поединечно, туку кога се регулира тоа мора да биде генерално.
„Измените околу зелениот картон зависат од внатрешните одредби и интерните регулативи (IR) на Советот на Бироа – Брисел, законот за задолжително осигурување во сообраќајот, склучените билатерални договори помеѓу Националните Бироа во регионот и пошироко, како и од тарифниот систем и правилниците на Национално биро за осигурување за обработка и плаќање на штети по зелен картон кои се во согласност со внатрешните одредби на Советот на бироа во Брисел“, наведуваат од Националното биро за осигурување.
Оттаму појаснуваат дека во CEFTA Секретарјатот е отворено прашањето за некакви промени околу зелениот картон, но станува збор само за еднострано мислење и видување на начинот и потребата од користење односно не користење на зелениот картон како документ за влез со моторни возила во државите од CEFTA.
Од Битото сметаат дека е непрактична идејата за укинување на зелениот картон само за државите од CEFTA бидејќи граѓаните ќе користат зелен картон за влез во било која друга држава членка на ЕУ и потписнички на Мултилатералната спогодба одобрена од Советот на бироа-Брисел.Во овој момент не треба да се создава забуна кај сопствениците на моторни возила и да се шпекулира. Зелениот картон е во функција и тој е потребен – велат од Националното биро за осигурување.
„Останува во иднина отворено прашањето за комплексноста на зелениот картон, неговото укинување со вклучување на премијата од зелен картон, врз основа на актуарски пресметки во премијата на полисата за автомобилска одговорност, со што се создаваат можности за вклучување на зелениот картон во таканаречената Мултилатерална спогодба поддржана од Советот на бироа – Брисел и немањето на потреба од користење на зелен картон во сите европски држави, па и во државите од CEFTA процесот, наведуваат во соопштението од Националното биро за осигурување.