Бугарија, Летонија, Малта, Португалија, Романија и Шпанија добија последно предупредување и уште 2 месеца рок од Европската комисија да ја имплементираат Директивата на Унијата за осигурување на моторни возила. Доколку не се усогласат со наведената Директива, против нив би можела да биде покрената постапка пред Судот на правдата на ЕУ.
Директивата за осигурување на моторни возила има за цел да ја зајакне заштитата на жртвите од сообраќајни несреќи во ЕУ. Со измените се прецизира опсегот на оваа заштита, се олеснува следењето на задолжителното осигурување на моторните возила и се создава механизам за обештетување на жртвите во случај на несолвентност на одговорниот за сообраќајната несреќа. Со овие измени, исто така, се олеснува и постапката за промена на осигурителните компании и на осигурениците им се гарантира еднаков и недискриминаторски третман.
Како што соопшти ЕК, одлуката за испраќање на „образложени мислења“ до шесте земји членки е донесена затоа што тие „не ја информирале дали целосно ја имплементирале изменетата Директива за осигурување на моторни возила во нивните национални законодавства“.
Крајниот рок за вклучување на одредбите од оваа Директива на ЕУ во националните законодавства на земјите членки беше на 23 декември 2023 година.