Без разлика на високите цени, речиси сите капацитети се веќе исполнети, особено за време на божиќните празници.
Зимскиот туризам во Србија од година во година бележи се подобри и подобри резултати, иако цените на аранжманите и услугите постојано се зголемуваат.
Зимувањето во планинските центри на Србија во периодот околу Нова година и Божиќ веќе поскапе за десет до 15 отсто во однос на минатата година, пренесува Пословни дневник.
Пополнети капацитети
Како што изјави за Бизнис.рс, Драган Суботиќ, претседател на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (НАТАС), хотелските капацитети на Копаоник за време на празниците се речиси полни.
„Копаоник со години е најпопуларниот зимски центар кај нас. Без разлика на високите цени, се е веќе резервирано. Кога станува збор за ски билетите, српските скијачки центри ги задржаа истите цени како лани“, вели Суботиќ и додава дека Златибор е популарна дестинација и во зимската сезона.
Кога станува збор за цените во овие планински центри, соговорникот на овој портал вели дека во периодот околу Божиќ, поточно по 7 јануари и за време на зимските празници, десетдневен аранжман почнува од 350 евра, па се до 5000 евра, во зависност од категоријата на сместување.
„На Копаоник има зголемен број на приватни сместувачки капацитети, а за време на годишните одмори цената за десет дена за две лица во апартманско сместување е околу 1000 евра. Хотелите се поскапи, па истиот аранжман – десет ноќевања со појадок чини од 1.600 до 5.000 евра“, вели Суботиќ.
Според него, цените во Златибор се многу поповолни. Десет ноќевања во периодот од 7 до 17 јануари во приватно сместување чини околу 350 евра. Во хотелите треба да потрошите 2.500 евра за десет ноќевања со појадок.
Најпопуларен ски-центар во регионот за српските туристи е Јахорина, а потоа следат Бугарија, Словенија и Австрија.
„Јахорина е секогаш за 30 проценти поевтина од Копаоник. Често го избираат нашите патници. Тука е и Бугарија, со одлични скијачки патеки и исклучително добри хотелски капацитети, пред се во Банско, но и во Боровец“, посочува тој. Што се однесува до странските зимски дестинации, централна и јужна Србија најмногу ја избираат Бугарија, а жителите од Белград и Нови Сад Словенија и Австрија.
„Тоа веројатно има врска со стандардот. Словенија – Крањска Гора и Бовец се во ист ценовен опсег со Копаоник. Австрија е значително поевтина од Копаоник, за околу 30 отсто, а таму навистина може да се скија по поволни цени. Во исто време, оваа земја има повеќе од стотина организирани скијачки центри, па затоа е омилена и кај професионалните скијачи и кај почетниците. Главно се работи за мали, бајковити гратчиња во кои човек еднаш оди со задоволство да се враќа“, истакнува Суботиќ. Голем број српски скијачи со задоволство избираат скијачки центри во Италија и Франција, кои не се толку евтини.
„Сепак, таму може да се најдат поповолни аранжмани со претходна резервација. Нашите професионални скијачи веќе го знаат тоа, па и оние кои резервираат навреме можат да заштедат пари“, заклучува Суботиќ.
Цена на билети за скијање
Како што потврдија за Бизнис.рс од Скијачките центри на Србија, цените на билетите за скијање не се променети во однос на минатата година, а од 1 до 15 ноември во нивната веб-продавница работи кампања за претпродажба – со 15 отсто попуст. .
Така, во периодот од 8 јануари до 10 февруари десетдневната карта за скијање за возрасни на Копаоник чини 29.130 динари, за деца 18.250 динари, додека на Златибор ски билетот за истиот период е нешто поевтин, па возрасните на Торник ќе треба да плати 22.250 динари, додека десетдневна карта за деца чини 16.000 динари.
Кога станува збор за Стара планина, цената на десетдневното користење на скијачката патека за возрасни е 15.130 динари, додека за децата сумата е нешто поповолна – 10.620 динари.