Советниците на Трамп му сугерирале замрзнување на конлфиктот во Украина долж линијата на фронтот и демилитаризирана зона од најмалку 1.200 километри, предавање на приближно 20 отсто од територијата на Украина на Русија и „привремено суспендирање“ на обидите на Киев да се приклучи на НАТО, напиша „Волстрит Џурнал“ во четвртокот, повикувајќи се на извори блиски до новоизбраниот претседател.
Истовремено, постои и варијантата во која, за да продолжи да се снабдува со оружје и помош од САД, Украина би ветила дека нема да се обиде да влезе во НАТО најмалку 20 години, пишува весникот.
Иако Трамп ќе влезе во Овалната соба во Белата куќа дури на 20 јануари, веќе се шпекулира дека Трамп ќе се обиде да ги седне рускиот и украинскиот претседател на преговарачката маса.
– Можеме да обезбедиме обука и друга поддршка, но треба да има Европејци на терен. Нема да испраќаме Американци да го зачуваат мирот во Украина и нема да платиме. Нека го прават тоа Полјаците, Германците, Британците и Французите – изјави неодамна еден од членовите на тимот на Трамп.
Наводниот план на новоизбраниот американски претседател беше исмеан од Кремљ како „план на Волстрит Џурнал“.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин со еден ден задоцнување на настан во градот Сочи му ја честиташе победата на Трамп нарекувајќи го храбар човек кој преживеал два атентати и дека на неговите идеи за Украина вреди да им се посвети внимание.
На прашањето дали Москва е спремна за разговори со Трамп Путин рече „ние сме спремни“.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Украина треба да остане неутрална за да има шанса за мир, додавајќи дека границите на Украина треба да бидат во согласност со желбите на луѓето кои живеат на територијата на која Русија има право.
– Ако нема неутралност, тешко е да се замисли постоење на какви било добрососедски односи меѓу Русија и Украина – рече Путин.
Трамп денеска изјави дека по прогласувањето на победата на изборите не разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, но кажа оти „мисли дека ќе зборуваат“.