Во Тајван пристигнаа првите 11 американски ракетни лансери ХИМАРС, соопшти денеска тајванското Министерство за одбрана.
Тајпеј се обидува да ја зајакне својата одбрана од потенцијален напад од Кина. Тајван купи 29 ракетни лансери од САД. Не е прецизирано колку чинат ракетните лансери, ниту кога ќе бидат доставени сите 29 нарачани системи.
Системите ХИМАРС Украина ги користеше во одбраната од Русија.
Во текот на изминатите пет децении, САД на Тајван му продаде воена опрема и муниција во вредност од милијарди долари, вклучително и борбени авиони Ф-16 и воени бродови.
Вашингтон долго време беше најважниот сојузник на Тајпеј и негов најголем снабдувач со оружје, факт што ја налути Кина, која тврди дека Тајван е дел од нејзината територија.
Изминатите години Кина го зголеми воениот притисок врз Тајван. Пекинг не ја отфрли можноста за употреба на сила за да го стави островот под своја контрола. Тајпеј одвои рекорден буџет за одбрана од 19 милијарди американски долари за 2024 година.