Антикорупциската комисија почна постапка за новите членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители кои истовремено се и членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, потврдија од Комисијата за Плусинфо.
Постапката ја отвориле по сопствена иницијатива.
„Државната комисија за спречување на корупцијата, по сопствена иницијатива, оформи предмет во врска со информациите за номинирање на членови на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. По утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб-страницата на ДКСК“, се вели во одговорот од Антикорупциската комисија до Плусинфо.
Од ВМРО-ДПМНЕ со денови реагираат на номинацијата на членови на судскиот и обвинтелскиот совет во УО на Академијата за судии и обвинители. Отааму објаснуваат дека според законот за спречување на корупцијата избран и именуван функционер не може да биде член на управувачки орган во јавна установа.
Денеска реагираше пратеникот Бране Петрушевски.
– Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството. Наместо да назначат судии и обвинители за членови на УО на Академијата, тие назначија свои членови. Двата совети го прекршија законот, а притоа назначија луѓе блиски до СДСМ. Како од стотици судии и обвинители Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за членови на УО на Академијата избраа свои членови, кои патем се и сестра на пратеничка од СДСМ, мајка на советничка од СДСМ и братучетка на полициски началник од времето на СДСМ? – рече Петрушевски.
Ги повикуваме и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги преиспитаат своите одлуки, додаде тој.
– Во спротивно ќе бидат директно одговорни за нарушување на кредибилитетот на правосудните органи. Овие незаконски и партиски назначувања се доказ зошто се потребни реформи во правосудството – рече Петрушевски.
Од Судскиот совет се изјаснија дека постапиле законски кога номинирале свои членови во УО на Академијата. За Советот оправдувањето е во тоа што номинираните членови од Судскиот совет се од редот на судиите, па со тоа е исполнет условот Советот да номинира судии за член на УО на АСЈО. Оттаму прашаа ако се тие спорни како членови на УО на Академијата, тогаш како не се спорни и членовите од Врховниот суд, врховни судии, кои исто така се дел од УО на Академијата.
„Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24.10.2024 година изврши номинација на членови на УО во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет. На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение за законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, а истото беше сторено пред присутната јавност на седницата. Во конкретниот случај, не може да се примени членот 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на УО на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица. Во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса“, соопшти вчера Судскиот совет.
Минатата недела Коалицијата „Сите за правично судење“ изрази загриженост од, како што истакнаа, незаконите и нетранспарентните одлуки на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, кои можат да доведат до корупција и судир на интереси.
„Друг аспект на судирот на интереси е тоа што УО на Академијата е надлежен да одлучува по жалба или приговор на кандидатите за судии и обвинители на одлуките на комисиите кои во Академијата ги изготвуваат конечните ранг листи на слушатели и на кандидати за судии и јавни обвинители. Со други зборови, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители ќе можат да одлучуваат за истите кандидати во секој од поставените филтри – прием во Академијата, завршување на почетната обука, а потоа и за конечен избор на кандидатите како судии или јавни обвинители. Па така, се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии или јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ“, реагираше коалицијата.
Советот на јавни обвинители на 29 октомври донесе одлука за номинирање на членови и заменици членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За членови беа избрани Душица Димитриеска и Башким Бесими, а за заменици Татјана Кацарова и Теута Рамадани.
Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители го номинира членот на советот Ханиф Зендели, а за негов заменик Тодор Поп Панев, судија на Апелација Штип. За втор член на УО е номинирана е Антоанета Димовска, исто така член на судскиот совет, а за нејзин заменик е номинирана Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.