Штрајкот на десетици илјади вработени во Боинг заврши по 7 недели, бидејќи работниците ја прифатија подобрената понуда од американскиот производител на авиони, вклучително и зголемување на платите за 38% во текот на четири години, соопшти денеска синдикатот на ИАМ, јави ДПА.
Членовите на синдикатот гласаа со 59% „за прифаќање на предлогот и враќање на работа“, соопшти Синдикатот.
„Работниците можат да се вратат на работа веќе на 6 ноември 2024 година, за оние членови кои сакаат да се вратат што е можно побрзо“, наведува Синдикатот.
ИАМ, кој има околу 33.000 членови во Боинг, додаде дека работниците „мора да се вратат на работа“ до 12 ноември, додавајќи дека „штрајкот е завршен“.
Пред една недела, работниците со големо мнозинство гласаа против понудата за покачување на платите од 35% во текот на четири години, а 94% го отфрлија предлогот. Во средината на септември, тие ја одбија првата понуда на Боинг, која вклучуваше зголемување на платите за 25%, со мнозинство од речиси 95%.
Новиот договор вклучува и еднократна исплата од 12.000 долари. Синдикатот преговараше и за задржување на исплатите на бонус, кои првично требаше да бидат укинати, како дел од втората понуда.
Вработените во Боинг прифатија неколку замрзнувања на платите во изминатата деценија и бараа значително зголемување. Боинг, со работна сила од околу 170.000 вработени, неодамна ги објави плановите за укинување на 10% од работните места.
Производителот на авиони е во криза по серијата несреќи.