Новинарот Такер Карлсон направи интервју во живо со републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, неколку дена пред изборите.
Трамп вети дека ќе ги „раздели“ Русија и Кина ако победи на претстојните избори. Тој наведе и дека САД е „држава на будали“ водена од „глупави луѓе“.
– Бајден ги обедини (Русија и Кина). Тоа е срамота. Ќе морам да ги разделам. Мислам дека можам да го направам тоа – изјави Трамп во интервјуто со Карлсон.
Трамп одговори и на критиките дека е „пријател на Русија“, нарекувајќи ги оние што го тврдат тоа „болни“, и нагласи дека тој ја запрел изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.
– Јас го уништив „Северен тек 2“. Тие сакаат да кажат дека сум пријател на Русија, дека сум работел за Русија, дека сум руски шпион. Тие луѓе се болни. Најважната цел на Русија беше изградбата на „Северен тек 2“. Никој не можеше тоа да го направи, освен јас. Јас ја запрев изградбата – изјави Трамп.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин во интервју со Карлсон тврдеше дека диверзиите на гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“ ги извеле американските разузнавачки служби.
Трамп го коментираше и својот поранешен советник за национална безбедност, Џон Болтон, нарекувајќи го „глупав“.
– Џон Болтон беше вистински наркоман. Беше толку глупав. Сакаше да оди во војна за што било. Беше одличен за мене некое време затоа што беше лудак. Можев да видам како неговото лице станува црвено, со тие глупави бели мустаќи – рече Трамп.
Тој исто така додава дека „го зел тој морон со себе“ кога отишол да го види севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, и дека никогаш ништо не рекол. Но, кога Ким Јонг Ун го видел, помислил: „О, срање, мислам дека овој човек сака да оди во војна“.
– Беше одличен за преговори – истакна тој.
Истото важело и за Русија.
– Кога Путин го виде тој глупак, помисли: „Срање, овој човек сака да војува со мене“, а јас добив многу од она што го сакав – рече Трамп.
Трамп изјави и дека доколку победи на изборите, на важни функции ќе ги именува милијардерот Илон Маск и поранешниот независен кандидат за претседател, Роберт Ф. Кенеди Јуниор.
Републиканскиот кандидат во интервјуто со новинарот Такер Карлсон не прецизира кои функции би ги добиле Маск и Кенедеи помладиот.
Маск отворено го поддржа Трамп, додека, пак, Кенеди Јуниор се откажа од претседателската кандидатура и го поддржа поранешниот претседател.
Трамп посочи дека ќе изгубел на изборите само доколку имало мамење и ги предупреди своите поддржувачи да бидат внимателни.
Инаку, Такер го поддржува Трамп и активно учествува во неговата кампања.
Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.