Влатко Стојкоски е нов директор на Државен пазарен инспекторат (ДПИ), потврдија за МИА од Владата.
Досегашниот директор на ДПИ, Горан Трајковски, кој на позицијата беше од декември 2022 година, е разрешен поради промените на кадрите на новата власт.
Претходно, заменик-министерот за економија Марјан Ристески осврнувајќи се на ефектите од есенската потрошувачка кошничка, соопшти дека вчера е назначен нов директор на ДПИ.
– Мерката е одлично дефинирана и имаше одредени трговци кои сакаа да ја изиграат, но Државниот пазарен инспекторат се надевам дека во претходниот период сериозно си ја вршеше работата и во одредени моменти настапи со казни кои не беа мали. Се надевам дека ДПИ и во иднина ќе има многу поголема контрола и ќе прави контролни мерки и надзори во сите трговски места каде што се продаваат прехранбени производи за да можеме да ги регулираме цените со цел заштита на стандардот на граѓаните. Од вчера има нов директор, така што се надевам и дека мерките ќе дадат подобри резултати, ќе видиме – рече Ристески, во гостување на ТВ Сител.