Од денеска стапуваат на сила новите намалени цени за голем дел од услугите на Агенцијата за катастар на недвижности. Минатата недела во Службен весник беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75%.
Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5.000 денари. Со новите промени, појаснуваат од Катастарот, таа услуга ќе чини само 1.250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина. Ова претставува намалување за цели 75%.
Дополнително, со ова намалување се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1.250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1.250 денари.
– Со ова ги исполнуваме нашите ветувања за пониски цени на голем дел од услугите на Агенцијата, потврдувајќи дека граѓаните и Македонија се наш приоритет. Благодарност до Владата која даде поддршка и го прифати нашиот предлог – изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.
Тој најавува дека во следниот период, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица.