More

    Дали тоа објаснува зошто Вања била грабната во влезот и изнесена низ сутеренот?

    spot_img

    Ниедна од камерите не ги фаќа скалите во зградата од која е грабната Вања, рече началникот Дејан Димовски на денешното сведочење во врска со убиството на 14-годишното девојче и 74-годишниот фризер од Велес, Панче Жежовски. Според обвинението, Вања била грабната во влезот и преку сутеренот била изнесена од зградата на улицата Наум Наумовски Борче во Скопје во која живеела.

    Според обвинението, обвинетите „со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, влегле внатре, застанале кај сутеренот кој води кон подрумите, го чекале детето, па кога излегла од лифтот, Боре Видевски ја фатил за половината и за устата, обвинетиот Велибор Манев ја држел за нозете. Ја однеле до сутеренот каде Велибор ѝ ставил селотејп лента на устата. Боре Видевски ѝ се заканил да не вика инаку ќе пукаат, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент ја свртиле на стомак и додека Боре Видевски ѝ ги држел рацете, Велибор ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете и откако ја затвориле вреќата, Велибор ѝ ги врзал нозете со селотејп преку вреќата. Видевски со помош на Манев ја ставил преку рамо и ја однеле во ‘цитроенот’ во гепекот“.

    – Немaше шанси, направивме увид на сите камери околу влезoт и утврдивме мртов агол. Ниедна од камерите не ги фаќаше скалите. Лево и десно по 10 метри од зградата имаше камери, па ако излегла пешки ќе ја фатеше некоја од овие камери и затоа претпоставивме дека некој дошол со возило на претходно договорено и дека доброволно заминала. Тоа ни беше првата претпоставка. Сметавме дека во 7.22 часот има движење, граѓани, видовме дека имало и двајца комуналци кои чистеа, претпоставивме дека ќе се видело ако е грабната и ќе барала помош, но комуналците не се ни свртеа, се гледа дека си продолжуваат да си метат – објасни Димовски на прашање на судијата Ивица Стефановски.

    Кога „цитроенот“ бил однесен на вештачење, во него биле пронајдени остатоци од мобилен телефон. Според обвинението, Велибор претходно го зел телефонот „ајфон 8“ на Вања, а Боре додека се возеле со чеканче го скршил за да нема сигнал.

    Полицијата нашла видео надзор од општина Чучер Сандево, а снимките ги обезбедила дури на 29 неомври, зашто претходно бил неработен ден поради Самитот на ОБСЕ што се одржа во Скопје.

    – На снимката се виде како поминува „цитроенот“, а после кратко, ниту минута, 30 секунди, поминува „кангуто“ – рече Димовски.

    Тој додаде дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, му пратил две фотографии. На едната се гледало зеленкасто возило како „цитроен“, карши козметички салон, на улицата отспротива од зградата на Вања, а другата била од Партизанска, кај седиштето на Лукоил.

    – Ме побара, јас не можев да зборувам во тој момент, па му се јавив подоцна, ама се јави Зорица. Бројот од кој ме побара беше непознат, го немаше во мојот именик. Кога одговори Зорица, ми рече „еве до мене е Александар, сака да ти каже нешто“. Александар ми рече дека би му било мило ако помогне со фотографиите. „Знаеш, сакам да ти кажам уште нешто“. Зборуваше за истрага која ја воделе другарки на Вања, има еден постар човек, па да видите, тој е надвор од Скопје, од Охрид ли е од Велес ли е, или од некои други градови во Македонија – дообјасни Димовски.

    Денеска сведочеше и Митре Лазаров, на кого мајката на Вања, Зорица, му е внука од брат.

    – Зорица ми се јави, ми рече „ја нема Вања“. Ја прашав што, како, ми рече дека последниот сигнал од телефонот на Вања бил кај „Силбо“. Јас живеам во близина, отидов со точак да ја барам. Таму го видов автомобилот на Сашо (Александар Ѓорчевски). Сашо седеше во колата, го прашав што е работата, рече „ако е утепана Вања, ќе се утепам и јас“. Реков „утепај се“. Александар си замина, јас барав и понатаму – рече Лазаров со плачлив глас.

    Тој рече дека му било чудно однесувањето на Александар, кој си заминал брзо по нивната средба.

    – Не се гледав со него многу, само еднаш кога ја поправавме вратата од станот. Зорица отиде таму да живее, децата сакале, го реновиравме станот, од една соба направија две детски соби. Јас знам дека тој стан е сопственост на Зорица, брат ми ѝ го препиша – додаде сведокот Лазаров.

    Со неговото сведочење заврши денешното судско рочиште, а следното продолжува на 13 ноември.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img