„Имате можност да го спасите Либан пред да падне во бездната на долга војна што ќе доведе до уништување и страдање како што гледаме во Појасот Газа. Либански народе, ослободи ја твојата земја од Хезболах за да може да заврши оваа војна”.
Ова го изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во вторникот, пишува Њујорк пост.
– Ако народот на Либан не го стори ова, Хезболах ќе продолжи да се обидува да се бори против Израел од густо населените области на ваша сметка. На милицијата не ѝ е грижа дали Либан е вовлечен во поголема војна – продолжи Нетанјаху.
Хезболах, од своја страна, се закани дека ќе ги направи поинтензивни нападите врз Израел доколку земјата продолжи да го напаѓа Либан.
„Зголемените напади врз израелскиот непријател значат дека израелскиот град Хаифа, меѓу другите, ќе биде напаѓан од наши проектили исто толку често како Кирјат Шмона, Метула и други места“, соопшти милицијата во вторникот.
Кирјат Шмона и Метула се наоѓаат во северен Израел на границата со Либан. Десетици илјади луѓе се евакуирани од пограничната област од октомври 2023 година поради редовното гранатирање од страна на Хезболах.
Според израелската армија, околу 85 проектили биле истрелани од Либан кон северен Израел во вторникот, вклучувајќи го и градот Хаифа.
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, го опиша Хезболах во вторникот на брифингот со Северната команда на израелската армија како „уништена и скршена организација без значителни командни и оружени способности, чие раководство се распадна по елиминацијата на Хасан Насралах“, дека во Хезболах веќе нема никој „кој носи одлуки“.
Заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем, кој привремено ја предводи милицијата по убиството на Насралах, во телевизиско обраќање, пак, порача дека иако израелските напади биле „болни“, Хезболах останал „совршено организиран“, а неговите способности остануваат „добри“.
Хезболах отвори втор фронт против Израел со воздушни напади еден ден по големиот терористички напад на Хамас на 7 октомври 2023 година. Израел ги зголемува своите напади врз цели на Хезболах од крајот на септември, убивајќи ги лидерот на Хезболах, Насрала, и други високи команданти на милицијата. Пред околу една недела, Израел најави и почеток на „ограничени и насочени“ копнени операции против Хезболах во јужен Либан.
Во меѓувреме, во Сирија најмалку 7 лица загинаа во израелски воздушен напад во главниот град Дамаск. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека најмалку 9 лица се убиени по нападот во областа Масех, додавајќи дека бил погоден и автомобил паркиран пред зградата.
Израел ретко коментира конкретно за своите воздушни напади во Сирија, но постојано нагласува дека нема да дозволи Иран да го прошири своето влијание на границата со Израел.