Нобеловиот комитет во Норвешка би можел да направи целосно изненадување на 11 октомври воопшто да не ја додели овогодишна Нобелова награда за мир, пишува Ројтерс. Една од причините е тоа што фаворит за наградата е рускиот дисидент Алексеј Навални кој почина во казнена колонија на Арктикот во февруари. Тој не може постхумно да ја добие наградата.
Друг фаворит е украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сепак, тој најверојатно нема да ја добие наградата бидејќи е лидер на земја во војна.
Меѓу предложените добитниви се и Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Меѓународниот кривичен суд (МКС) и шефот на Обединетите нации Антонио Гутереш.
Тековната 2024 година е обележана со ескалација на војната меѓу Израел и Хамас, со конфликтот во Украина кој трае и со крвопролевањата во Судан во кои се раселени повеќе од 10 милиони луѓе.
Нобеловиот комитет може да одлучи да се фокусира на хуманитарните актери кои помагаат да се ублажат страдањата на цивили.
– (Агенцијата) УНРВA може да биде еден таков кандидат. Агенцијата прави исклучително важна работа за палестинските цивили кои ги доживуваат страдањата од војната во Газа – рече Хенрик Урдал, директор на Институтот за истражување на мирот во Осло.
Сепак, наградата за УНРВA би била контроверзна, рече тој, со оглед на тврдењата на Израел дека дел од персоналот на агенцијата бил вклучен во нападот на екстремистичката група Хамас на 7 октомври 2023 година против јужен Израел што ја предизвика војната во Газа.
Некои земји го суспендираа финансирањето на УНРВА како резултат на наводите.
УНРВА тврди дека Израел се обидува да ја распушти организацијата. Агенцијата, формирана во 1949 година по војната за воспоставување на Израел, обезбедува хуманитарна помош за милиони Палестинци во Појасот Газа, Западниот Брег, Јордан, Сирија и Либан.
Тајната петчлена комисија за доделување награди, назначена од норвешкиот парламент, може да одлучи да се фокусира на потребата од зајакнување на меѓународниот светски поредок изграден по Втората светска војна и нејзината највисока институција, Обединетите нации.
Тоа може да значи награда за нејзиниот генерален секретар, Антонио Гутереш, вели Асле Свен, историчар на Нобеловата награда за мир.
Можно е и Комитетот да одлучи никој да не ја добие наградата, нешто што се случило 19 пати, последен пат во 1972 година.
– Можеби ова е годината кога Комитетот за Нобеловата награда за мир треба само да одбие да ја додели наградата и да се фокусира на фактот дека ова е планета во војна, рече Ден Смит, шеф на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм.