„Заклетва“ е името на муралот посветен на македонските бранители од конфликтот во 2001 година кој неодамна се појави на фасада на една од зградите во скопската општина Кисела Вода.
Муралот е нацртан на површина од 80 метри квадратни и ја изразува почитта и благодарноста кон бранителите и она што тие го направија за својата земја.
Поставувањето на муралот е дело на здружението „Патриотско друштво“, а го носи името „Заклетва“ според насловната страница на истоимената книга во која се собрани сведоштва на бранители за конфликтот во 2001 година.
Според здружението, подготовките за поставувањето на овој мурал траеле неколку месеци, а самото поставување на зградата се изведувало три дена, при што во целата организација биле вложени над 2.000 евра.