Папата Франциско во четврток ќе го посети Луксембург, во долгоочекуваното патување во втората најмала европска земја по речиси 30 години, а потоа вечер ќе се упати во соседна Белгија.
Папата за време на неговата посета ќе се осврне на низа прашања, вклучително и миграцијата, климатските промени и војната во Европа. Тоа е исто така 46-то меѓународно патување на Франциско како папа.
По пристигнувањето во Луксембург, папата ќе биде пречекан од премиерот Лук Фриден, како и од големиот војвода на Луксембург Анри и неговата сопруга, големата војвотка Марија Тереза.
По приемот со војводата и војвотката во Палатата на Големиот војвода и средбата со јавните претставници во културниот центар Серкл Сити, папата ќе го обиколи градот Луксембург со папамобилот.
Папата ќе се сретне со јавноста и во луксембуршката катедрала Нотр Дам пред да ја продолжи турнејата низ Белгија, каде што ќе остане до недела.
За време на посетата, Папата ќе ја одбележи 600-годишнината од Католичкиот универзитет во Лувен, основан во 1425 година. Тој ќе отслужи миса и на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел.
Францис треба да се сретне и со група жртви на сексуална злоупотреба на Католичката црква во Белгија.
Папата Франциско го продолжува патувањето и покрај тоа што во понеделникот ги откажа сите состаноци поради болест. Во врска со ова, Ватикан соопшти дека 87-годишникот боледува од „благ грип“.
Во последните месеци Папата мораше да откаже неколку состаноци поради неговата здравствена состојба. Сепак, тој успешно го заврши 12-дневното патување во Азија и Пацификот во првата половина на септември.
Папата Франциско во декември полни 88 години. Тој е најстариот папа во повеќе од еден век.