Бројот на загинати во поплавите во централна Европа се искачи на осум, бидејќи илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија. Циклонот Борис донесе поројни дождови од Австрија во Романија, што доведе до најтешките поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска. На нозе е и Унгарија, а Будимпешта од полноќ е на највисоко ниво на подготвеност за одбрана од поплави долж целиот брег на Дунав. Според најавите, во наредните денови се очекува поплавен бран.
Градоначалникот на Будимпешта Гергељ Карачони изјави дека на Будимпешта и се заканува најголемата поплава во последната деценија.
Поради енормниот пораст на водостојот на Дунав поради обилните врнежи во претходните денови, Будимпешта сериозно се подготвува за можни поплави. Откако циклонот Борис донесе поројни дождови и катастрофални поплави во делови од Европа, властите во Будимпешта не препуштаат ништо на случајноста.
Раководителот на главната дирекција за води објави соопштение во кое на населението му се даваат упатства како да постапат и со кого да се обратат во случај на поплави.
Долните брегови на Буда и Пешта се затворени од 20 часот. Паркираните автомобили мора да се отстранат до попладневните часови, во спротивно ќе бидат влечени.
Од вторник во заштитеното подрачје Маргит-сигета ќе можат да влезат само возилата кои учествуваат во одбраната, а сообраќајот на пешаците ќе биде ограничен. Ограничувања на сообраќајот се очекуваат во третиот реон каде се гради одбранбена линија висока четири метри.
Во овој момент, како што пишува унгарскиот портал Телекс, ангажирани се 350 војници, кои работат на спречување на катастрофа.
Компаниите и институциите во Будимпешта веќе почнаа со работа на заштита од поплави, објасни градоначалникот на Будимпешта.
„Најголемата поплава во деценијата се приближува кон Будимпешта“, најави тој.