Најмладото дете и единствената ќерка на новозеландскиот крал на Маорите денеска е прогласена за нова маорска кралица.
Кралот на Маорите, Тухеитија Поотатау Те Вирохеро, почина на 30 август, само неколку дена по прославата на 18-годишнината од неговото крунисување. Текау-маа-руа, совет од 12 претставници, ја прогласи неговата 27-годишна ќерка Нга Ваи Хоно И Те По за нов монарх. Таа е осмиот монарх на Маори и втора жена што ја има оваа титула.
Првата жена на таа позиција беше нејзината баба Те Арикинуи Те Атаирангикааху која почина во 2006 година.
Улогата на маорскиот монарх не е автоматски наследна, но сите претходни кралеви и кралици биле директни потомци на нивните претходници.
Новата кралица беше крунисана на церемонијата позната како Tе Вакавахинга, додека десетици илјади луѓе се собраа на погребот на покојниот крал Туxеитиа. Неговиот ковчег беше однесен по реката Ваикато со флота кануа до неговото последно почивалиште на врвот на светата планина Таупири. Илјадници луѓе беа собрани покрај патиштата и реките, изведувајќи хака (церемонијален танц) и ваиату (пеење), простувајќи се од кралот.
Неговата вдовица беше придружувана до планината од страна на одбранбените сили на Нов Зеланд и од колона од 100 велосипеди, пред да биде пренесен неговиот ковчег, со помош на јаже, до врвот на планината.
Новозеландскиот премиер Кристофер Луксон изјави дека кралот имал длабоко влијание врз многу животи.
– Киинги Туxеитиа беше скромен лидер кој му служеше на својот народ со мудрост, мана (авторитет) и непоколеблива посветеност на Котахитанги (единството). Новата кралица ќе ја носи „наметката на лидерството што ја остави нејзиниот татко. Патот пред нас е осветлен со големото наследство на Киинги Туxеитиа – рече Луксон.
Киингитанга (движењето на маорските кралеви) беше основано во 1858 година со цел обединување на Маорите под еден суверен. Маорските монарси немаат законска моќ, но играат главна симболична и културна улога во единството и имаат национално влијание.
Кои се Маорите и која е нивната историја?
Маорите се полинезиски народ кој е домороден на Нов Зеланд. Нивната култура, богата со митови, легенди и со традиционални вештини, датира илјадници години назад. Според генетските и археолошките истражувања, се смета дека Маорите се доселиле на Нов Зеланд во неколку бранови, населувајќи се помеѓу 9 и 13 век од подрачјето на Полинезија.
Маорите биле вешти морепловци и навигатори кои користеле ѕвездите, океанските струи и птиците за да ги пронајдат островите. По пристигнувањето, Маорите се прилагодиле на новата околина, развивајќи уникатни културни практики и верувања. Тие биле ловци и собирачи, а подоцна развиле и земјоделство. Маорите одгледувале култури како што се слаткиот компир и тиквата.
Првиот судир со Европејците го имале веќе во 1642 година со доаѓањето на холанѓанецот Абел Тасман, а во битката биле убиени четворица припадници на неговата посада. Во 1769 година, британскиот истражувач Џејмс Кук воспоставува пријателски односи со Маорите. Од 1800-те, посетите на европските бродови биле сѐ почести. Со доаѓањето на европските населеници, популацијата на Маорите започнала да опаѓа поради војните и увезените болести, а бројката им била сведена на околу 100.000.
Претставниците на маорските поглавари и британците се состанале во 1840 година и потпишале договор во Вајтангу по кој тие стануваат британски граѓани и им се признаваат правата на земја. Со новозеландскиот попис од 2006 година, под маорски етнички имиња се изјасниле 565.329 лица.