Олимписките игри во Париз официјално се затворени. Традиционалната церемонија на затворање се одржа на францускиот национален стадион. На церемонијата беа вклучени повеќе од 100 танчари, циркуски уметници и други изведувачи.
Уметничкиот директор Томас Џоли откри дека церемонијата на затворање била замислена како „комбинација на чудо и дистопија“, а како дел од церемонијата, на стадионот се спуштил Златниот патник кој ги водеше гледачите низ историјата на Олимписките игри, додека акробатите ги обновувале и ги подигна познатите пет прстени на Олимписките игри.
Свеченото затворање го одбележаа настапите на француските бендови, како и претходно подготвените снимки од настапите на американските ѕвезди кои најавија одржување на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Светски познатиот француски бенд „Феникс“ направи музички спектакл и со своите хитови ја крена публиката на нозе.
На свеченото затворање настапи и францускиот бенд „Ер“, кој го отвори шоуто со хит песната „Playground Love“.
Холивудската мегаѕвезда Том Круз се спушти со јаже на стадионот во текот на кревањето на американското знаме и интонирањето на американската химна, фрлајќи ја публиката во транс. Потоа го зеде знамето и со мотор се „упати“ во Лос Анџелес пред да скокне од авион и да позира покрај знакот Холивуд во однапред снимена секвенца.
На церемонијата на затворањето настапи и бендот „Ред хот чили пеперс“ со песната „Can’t Stop“, како и Били Ајлиш.
Освен тоа, беше прикажан и настапот на најголемата вирална ѕвезда на овие Игри, раперот Снуп Дог и Д-р Дре, кој на свеченото отворање беше еден од последните носители на олимпискиот факел низ Париз.
Инаку, музичарите претходно ги снимаа своите настапи во Лос Анџелес, а беа избрани поради поврзаноста со тој град.
Францускиот пејач Исеулт ги затвори Олимписките игри во Париз со спектакуларна изведба на песната „My Way“.