Денеска (30.07.2024) околу 07.15 часот на ул.„Отокар Кершовани“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги го лишиле од слобода А.Б.(30) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и 10 месеци за сторено кривично дело „тешка кражба“ пo член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено – поправна установа.
На 29.07.2024 на ул.„Таку Димитровски” во Битола, по претходно добиени оперативни сознанија, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода А.М.(28) од Битола. Тој се сомничи дека во периодот од 26 до 29.07.2024 извршил „тешка кражба“ во објект на правно лице во Битола, при што одзел повеќе предмети. Притоа, во неговиот дом биле пронајдени и одземени повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.
На 29.07.2024 во 20.30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода З.С.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена дробилка со марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 29.07.2024 во 18.30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го привеле Д.З.(40) од Тетово, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна. Тој бил предаден во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.
На 29.07.2024 во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода Б.Ѓ.(27) и Н.Д.(29) од Битола затоа што при преглед на патничко возило „опел” со битолски регистарски ознаки, сопственост на Н.Д., биле пронајдени и одземени пакување со прашкаста материја и банкноти во различни апоени во внатрешноста со остатоци од прашкаста материја. По документирање на настанот против нив ќе следува соодветна пријава.
На 30.07.2024 во 00.30 часот во Градски парк во Велес, полициски службеници од СВР Велес го привеле Ѓ.Ј.(20) од Велес. Откако ги забележал полициските службеници, тој фрлил пакување со зелена тревкаста материја, која била пронајдена во негова близина. По документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (29.07.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 115 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина осум санкции, 10 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се пет мерки за користење мобилен телефон при возење, шест за некористење сигурносен појас, пет за минување на затворен сигнал (црвено светло)… Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
На 29.07.2024 во 14.43 часот во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат Штип-Плачковица, во близина на влез во с.Стар Караорман, штипско, патничко возило „фолксваген поло“ со штипски регистарски ознаки, управувано од А.И.(23) од Штип, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот И.Ј.(23) од Штип, а возачот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
На 29.07.2024 во 21.50 часот во Полициската станица Радовиш било пријавено дека на регионален пат Радовиш – село Ињево, радовишко, Р.Р.(26) од Радовиш, управувајќи мопед „пежо“ со радовишки регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Р.Р., констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица.
На 29.07.2024 во ОВР Кавадарци, од болницата во Кавадарци било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен малолетник од Кавадарци. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при пад од мотоцикл на патот Градско-Прилеп во изградба, во близина на село Сирково.
На 29.07.2024 во 15.30 часот во Полициската станица Карпош, Б.Ч.(34) од Скопје пријавил дека на ул.„Ловќенска“ во Скопје бил каснат од куче скитник.