Три 16-годишни момчиња доцна синоќа се спасени откако останале заробени на едно островче на реката Треска. Од Центарот за управување со кризи информираат дека пријавата е добиена во 19.12 часот и дека момчињата останале заробени на островчето, поради надојдената река по испуштањето на вода од хидроцентралите што е редовен процес за континуирано производство на електрична енергија со што навечер има нагло зголемување на водотекот низ коритото на реката.
Од ЦУК веднаш биле контактирани дежурните во полициската станица Сарај. Паралелно, бил контактиран и Црвениот Крст да испрати тим за спасување, но оттаму им било одговорено дека нивните тимови се волонтери и не се во можност соодветно да реагираат во овој случај.
ЦУК побарал од диспечерите во хидроцентралите да го намалат истекот на вода со што се овозможило извлекувањето и спасувањето на момчињата.
Во меѓувреме од страна на тим на специјалните сили е направен еден обид со чамец да се спасат момчињата, но безуспешно заради брзата и силна вода во зголеменото корито на реката Треска.
Околу 23 часот од страна на дежурните служби во полициска станица Сарај е добиено известување дека по намалување на водостојот на реката, со помош на специјалните тимови на МВР и селаните од селото Грчец, момчињата безбедно се префрлени со чамец од другата страна на островот што гравитира кон селото Грчец.
По спасувањето на момчињата, ЦУК ги известил хидроелектраните „Козјак“ и „Матка“ да продолжат со испуштање на водата.