Русија претставува најголема закана за Шведска и нејзините сојузници до 2030 година, оцени шведската влада во својата најнова стратегија за национална безбедност.
„Не треба да се исклучи опасноста од вооружен напад врз Шведска или нејзините сојузници“ – се посочува во документот.
Во јануари, командантот на шведските вооружени сили им порача на своите сограѓани „ментално да се подготват за војна“. Министерот за одбрана Пал Џонсон рече дека заканата од Русија ќе зависи од текот на војната во Украина, но дека таа е „подготвена да преземе големи политички и воени ризици“.
Во средината на јуни, руски воен авион го наруши шведскиот воздушен простор во близина на стратешки важниот остров Готланд во Балтичкото Море.
По руското заземање на Крим, Шведска почна да ги зајакнува своите воени сили, а по руската инвазија на Украина во 2022 година, одлучи да се приклучи на НАТО. Таа стана полноправна членка на западната воена алијанса во март 2024 година, по 200 години неутралност.
Во новата стратегија, Шведска посветува големо внимание на заштитата на своите стратешки средства, особено на северот на земјата, каде во Кируна, Лапонија во 2023 година беа откриени најголемите наоѓалишта на ретки метали во Европа.
Ретките метали сочинуваат група од 17 хемиски елементи во периодниот систем на елементи – петнаесет лантаниди, скандиум и итриум. Нивната појава на Земјата е ретка, но тие се многу корисни во современите производни процеси. Тие се користат во технолошката индустрија, производството на батерии, катализатори, за проектили и многу други работи, кои би можеле да обезбедат независност на ЕУ од Кина и Русија.
Тие се исто така важни за зелените технологии, вклучувајќи ги турбините на ветер и електричните возила. Во моментов, 98% од ретките метали што се користат во Унијата се увезени од Кина.