Министерството за образование и наука (МОН) заедно со локалната самоуправа и бизнис заедницата од денеска почна социјален дијалог за усогласување на уписните политики за средното стручно образование за учебната 2022/23 година, со цел зголемување на бројот на запишани ученици во средните стручни училишта, поттикнување на компаниите за пракса, но и промоција на дуалните паралелки.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска пред почетокот на овој дијалог изјави дека станува збор за исклучително важен процес кој ќе се реализира во следните 20 дена.
Тој смета дека средните стручни училишта можат повторно да бидат прв избор на средношколците само доколку во овој процес на социјален дијалог директно се вклучат самите општини, локалните компании и средните стручни училишта бидејќи градоначалниците, менаџерите на компаниите и директорите на училиштата најдобро знаат каде треба да се интервенира, за да обезбедат струки барани на пазарот на труд.
-Колку е поуспешна оваа соработка и навреме се утврдуваат реалните потреби, толку побрзо ќе ја постигнеме посакуваната заедничка цел да обезбедиме стручен кадар што недостига, но и да ја зголемиме можноста за побрзо вработување на младите и веднаш по завршувањето на школувањето и нивното останување на местата каде што живеат и да придонесат за економски раст и развој на општните и на државата, рече Шаќири.
Тој додаде дека пред овој дијалог МОН спреведе прашалник меѓу компаниите за заинтерсираноста да учествуваат во креирање на дуалните паралелки за учебната 2022/23 година.
-На наше задоволство, околу 400 компании ни одговорија на прашалникот, а дури 90 проценти од нив се подготвени да примат ученици на пракса кај нив, со што директно ќе се вклучат во создавање на поквалитетно стручно образование, од кое ќе излезат добро обучени кадри кои се подготвени веднаш да започнат со работниот прцес – додаде Шаќири.
Ова е втора година МОН да иницира дијалог на локално ниво во соработка со Швајцарската амбасада и покажа успешен резултат во 2020/21 година. Бројот на дуални паралелки од 11 се зголемил на 97, со вклучени над 200 компании.
Според министерот, радува и падатокот што од вкупно 10.683 ученици запишани во средното стручно образование во учебната 2021/22 година, 1.400 ученици го избрале дуалното образование. Како што рече, меѓу најбараните струки се машинска, електротехничка, хемиско-технолошката, економско-правната..
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев изјави дека уште од 2007 година е јасно оти она што се случува со средното образование и генерално со образовниот систем во државата не одговара на потребите на компаниите.