Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во денешното гостување во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24 информираше дека сериозен е проблемот со енергетската криза и сите општини ќе се соочат со проблеми, со што државата треба да изнајде начин за субвенционирање на сметките на општините по примерот со субвенционирање на сметките за секое домаќинство.
– Сериозен е проблемот со енергетската криза, сите општини ќе се соочат со проблеми. Ако одиме дека гасот е покачен за 4 пати, а предвидените средства во делот на загревање на јавните објекти, особено на училиштата во овој временски период, еве за еден месец се веќе потрошени средствата кои се планирани за следните четири месеци, тогаш ќе наидеме на сериозен дефицит во буџетот и недостаток на наменски средства кои ги добиваме од блок дотации за делегираните надлежности и во образованието и останатите сегменти на функционирање на локалната самоуправа. Тука е и проблемот со покачување на цената на електрична енергија. Во петок ги гледав анализите за потрошената електрична енергија, ние всушност некаде во овој момент општина Куманово само по основ на енергенси за месец јануари во буџетот виси со средства кои треба да пристигнат од блок дотации за образование со повеќе од 2 милиони денари, што значи дека во месец јануари, февруари и март ние ќе ги потрошиме вкупните планирани финансиски средства за финансирање на енергенсите за цела тековна година, бидејќи имаме енормно покачување, а се уште немаме одговор од ресорното министерство, ниту од владата како ќе се одреагира на ова и на кој начин ќе се покријат овие трошоци, бидејќи знаете дека ЗЕЛС излезе со конкретно барање до Владата, но се уште немаме одговор. Утре имаме управен одбор на ЗЕЛС, верувам дека повторно ќе ја разгледуваме оваа точка и на крајот ќе се сведеме доколку сакаме да го одржиме, доколку не ни се помогне како општини и сакаме да го одржиме ова темпо да функционира системот, ќе мора да вадиме средства од капиталните инвестиции и да бришеме изградба на улици, патишта и друга инфраструктура за да можеме да ги плаќаме основните трошоци. Државата како што изнајде начин да ги субвенционира сметките за секое домаќинство, ќе изнајде начин да ги субвенционира и сметките на општините, во спротивно општините само ќе вегетираат и ќе се сведат на бирократско чиновнички институции и нема да имаат средства за капитални инвестиции. Значи, тие средства мора од некаде да се надокнадат – рече Димитриевски.
Тој истакна дека државата мора да помага затоа што нема кој друг, државата е мајка на сите општини.
– Дали ќе помага на начинот како што еднаш беше помогнато јас сметам дека не треба така, туку оние општини кои работат домаќински и покажале финансиски резултат во делот на зголемување на сопствените приходи и намалување на тековните расходи треба да бидат наградени и да добијат повеќе. А не, општините кои беа лошо менаџирани во континуитет влегуваа во поголеми и поголеми загуби. На тој начин само ги наградувате тие коишто лошо менаџираат да добијат уште повеќе и да живеат на грбот на државата и граѓанинот – потенцираше Димитриевски.