Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изрази задоволство од официјалното отворање на преговорите за пристапување на Украина во Европската унија, велејќи дека тоа е „историски ден“ за земјата што е борба против руската инвазија.
„Денеска е историски ден. Никогаш нема да дозволиме да скршнеме од патот кон обединета Европа, кон нашиот заеднички дом на сите европски народи. Дом во кој мора да биде мир!“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска соопшти дека Европската унија официјално ги започна пристапните преговори со Украина и со Молдавија.
„Им честитам на Молдавија и на Украина за почетокот на пристапните преговори. Ова е многу добра вест за народот на Украина, Молдавија и за целата Европска Унија. Патот пред нас ќе биде тежок, но полн со можности“, објави Фон дер Лајен на платформата Икс.
Минатата недела земјите-членки на ЕУ ги одобрија преговарачките рамки за пристапување на Украина и Молдавија во Унијата.