Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата, изјави мандатарот Христијан Мицкоски кој денеска присуствуваше на означувањето на новата инвестиција на компанијата Киел во Тетово.
– Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот. Им честитам на инвеститорите за храбрата одлука, во мене гледате човек кој сака да ви помогне и заедно да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. За сите вас – рече Мицкоски.
Тој оцени дека во вакви тешки времиња не само што е мудра, туку е и смела одлуката да се инвестира во државата.
– И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економиjа, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите. Целосно сум свесен за предизвиците кои престојат и реформите кои мора да се преземат. Корупцијата и борбата против криминалот ќе биде нашиот примат и секој инвеститор мора да биде стопроцентно уверен дека државата ја гарантира заштитата од неморални и коруптивни притисоци и настојувања. Никој не смее да биде над законот, исто како што никој не смее да помисли да ја одземе иднината и работите кои ја создаваат иднината. Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците – рече Мицкоски.