Земјоделците од општините Свети Николе и Лозово во 12 часот целосно го блокираа експресниот Штип – Велес револтирани од тоа што немаат вода за наводнување за своите ниви од Хидросистемот „Брегалница”. Блокадата на патот како што е најавено ќе трае 2 часа.
Тие се жалат дека посевите ќе се исушат бидејќи не можат редовно да наводнуваат иако плаќаат надоместок на водостопанство „Брегалница“.
-Плаќаме надоместок за наводнување, ама посевите се сушат бидејќи не можеме редовно да ги наводнуваме нивите. Минатиот викенд ни пуштија вода, но тоа не е доволно – велат зeмјоделци.
Вчера директорот на АД Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов за МИА изјави дека е запрена водата за наводнување за Овчеполскиот регион бидејќи вода треба да се испорача за оризовите полиња во кочанско-виничкиот регион
– Имаме рестрикции на водата и план за наводнување, изминатиот период во Светиниколско имавме неколку дефекти на системот за наводнување, успеавме да ги решиме, за време на викендот земјоделците имаа вода за да ги наводнат своите ниви, кои според пријавеното треба да бидат околу 3.000 хектари – изјави тој.
Богатинов забележа дека станува збор за стар систем, на кого му треба санација, но и долгоречно решение, какошто е изградба на цевковод до селата во Овче Поле, за да нема загуби или кражби на водата за наводнување, а ова регионалната подружница кубури и со стручен кадар, кој треба да работи на терен.