Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го распушти шестчлениот воен кабинет нешто повеќе од една недела откако опозицискиот лидер Бени Ганц и неговиот сојузник Гади Ајзенкот го напуштија телото.
За чувствителните прашања поврзани со војната против Хамас во Газа сега ќе расправа помала група луѓе, јавуваат израелските медиуми.
Министрите од екстремно десничарските партии во владејачката коалиција бараат Нетанјаху да ги вклучи во воениот кабинет, што може да доведе до дополнително заладување на односите со САД и со другите меѓународни сојузници.
Портпаролот на израелската армија рече дека што се однесува до армијата, синџирот на команда нема да биде засегнат.
Ганц и Ајзенкот поднесоа оставки поради несогласувањата со Нетанјаху, пред се поради фактот што не гледаат јасна повоена политика за Газа.
Двајцата поранешни воени команданти се приклучија на владата на национално единство и на десничарската коалиција на Нетанјаху неколку дена по почетокот на конфликтот во октомври.
– Воениот кабинет беше резултат на коалицискиот договор со Ганц на негово барање. Бидејќи Ганц замина, нема потреба од кабинет – им рекол израелскиот премиер на министрите во неделата, пишува „Џерусалим пост“.
Според весникот „Хаарец“, дел од темите за кои претходно се разговараше во воениот кабинет сега ќе бидат префрлени на дневен ред на кабинетот за безбедност, чии членови и министри се од екстремната десница: Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност и Безалел Смотрич, министер за финансии.
Чувствителните одлуки ќе бидат донесени преку „мал консултативен форум“, на кој, наводно, ќе бидат вклучени министерот за одбрана Јоав Галант, министерот за стратешки прашања Рон Дермер и Арје Дери, претседател на ултраортодоксната партија Шас, кој беше набљудувач во воениот кабинет.
Промените нема да влијаат на армијата, нагласува главниот портпарол на израелската армија Даниел Хагари.
– Членовите на кабинетот се менуваат и методите се менуваат. Имаме систем, го знаеме синџирот на команда и работиме според него. Ова е демократија – вели Хагари.
Израел започна напад врз Газа за да ја уништи екстремистичката група Хамас, како одговор на нападот врз јужен Израел на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а беа заробени околу 250.
Оттогаш во Газа се убиени повеќе од 37.330 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.