Американскиот производител на автомобили Форд најави дека планира да укине до 1.600 дополнителни работни места во фабриката во Валенсија, Шпанија, како дел од прилагодувањата на капацитетот до почетокот на производството на новиот хибриден SUV модел од 2027 година.
Компанијата ги одложи производствените инвестиции во Шпанија во 2022 година поради „ревидираните изгледи за Европа“. Тие тогаш потврдија дека до крајот на деценијата треба да започнат со производство на електрични возила во шпанската фабрика, предупредувајќи дека нивното производство подразбира намалување на бројот на работни места.
Во март минатата година објавија дека поради прекин на производството на миниванот Галакси и караванот S-Max, укинуваат 1.100 работни места во фабриката во Валенсија. Додадоа и дека од 2027 година во Алмусафес, во областа на Валенсија, ќе започнат со производство на нов хибриден теренец за европскиот пазар, но и за другите делови на светот, пренесува Б92.
– Можни се преговори за привремено решение за останатите илјада работници за да се премости периодот до почетокот на производството на новото возило – изјави портпаролката на компанијата.
Компанијата има намера да произведува 300.000 автомобили годишно во погонот на фабриката во Валенсија, објави тогаш шпанското Министерство за индустрија.
Американскиот автомобилски гигант моментално вработува 4.800 работници во фабриката во Валенсија и го произведува само спортското комунално возило Куга. Минатата година тие одлучија да укинат 2.300 работни места во Германија и 1.000 во Британија. Од 2030 година имаат намера да продаваат само електрични автомобили во ЕУ.