Ракометна Македонија уште еднаш ќе има шанса во живо да ги гледа и да ужива во натпреварите на најдобрите светски ракометарки, овој пат во јуниорска конкуренција.
Ракометната федерација на Македонија од 19 до 30 јуни ќе биде домаќин и организатор на 24 Светско јуниорско првенство во женска конкуренција. Ова ќе биде вториот мундијал за ракометарки до 20 години на кој ќе учествуваат 32 репрезентации.
На ждрепката што се одржа во Германија на 13.04.2024, најдобрите светски селекции беа поделени во осум групи со по четири тима и тие ќе играат меѓусебе во Прелиминарната рунда.
По комплетирањето на трите кола, двете подобропласирани екипи ќе продолжат во Главната рунда, двете послаби ќе играат во Президент Куп.
Потоа од главната рунда, по две селекции од група ќе се пласираат во 1/4 финалето и ќе продолжат во елиминациите за медал, сите други репрезентации ќе разигруваат за пласман.
Натпреварите од Светското јуниорско првенство ќе се играат во три сали во Скопје. Салата „Борис Трајковски“ ќе биде домаќинот на македонската репрезентација, а таму ќе се играат и натпреварите од финалниот ден, заклучно мечот за златен медал.
Натпревари ќе се играат и во двете сали во спортскиот центар „Јане Сандански“.
Првенството почнува симултано во двете главни сали. На 19 јуни со почеток од 09:00 часот во „Борис Трајковски“ ќе се соочат екипите на Кореја и Мексико, а во големата сала во СЦ „Јане Сандански“ во исто време ќе почне мечот меѓу Унгарија и Аргентина. Еден час подоцна, од 10:00 часот во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ ќе се сретнат репрезентациите на Швајцарија и Тунис.
Натпреварите од Прелиминарната рунда ќе се играат во термините од 09:00, 11:00, 13:30, 15:45, 18:00 и 20:15 часот.
Македонската репрезентција својот прв натпревар, против САД ќе го игра со почеток од 20:15 часот.
Од 19 до 30 јуни, најдобрите светски репрезентации ќе одиграат во Скопје вкупно 112 натпревари.
Актуелен светски јуниорски првак е Норвешка. Тие се закитија со злато на СП Словенија 2022, но најголемиот дел од ракометарките што ќе ги гледаме на СП не играа на тој мундијал поради возрасната категорија.
Во 2022 овие ракометарки се натпреваруваа во кадетска конкуренција, во категорија до 18 години, а тоа СП исто така се играше во Македонија. Сега ќе имаме единствена можност да ги видиме во најголем дел истите ракометарки, но две години повозрасни и да направиме паралела со тоа што се случуваше во 2022.
Во 2022 во Скопје, репрезентацијата на Кореја доминираше и го освои златниот медал, победувајќи ја во финалето репрезентацијата на Данска. Медал освои и Унгарија која во мечот за бронза, за еден гол беше подобра од Холандија.
Најдобар играч тогаш беше корејската ракометарка Ким Мин Сео, а најдобар стрелец данската ракометарка Јулија Скалионе. За жал, Јулија Скалионе поради повреда нема да настапи на претстојниот мундијал.
Македонија на Кадетското Светско првенство во 2022 година го освои 12 место, оставајќи зад себе репрезентации со висок рејтинг во женскиот ракомет какви што се Романија, Шпанија, Ц. Гора…
Поголем дел од ракометарките што играа тогаш како кадетки, ќе настапат и на претстојното првенство. Нов селектор има репрезентацијата, Љубомир Савевски замина, местото го зазеде Дарко Јанев и ова ќе биде негов прв голем предизвик. Дарко Јанев имаше можност во ждрепката да одбере група во која ќе настапува Македонија и се одлучи за групата „Х“ во која се и репрезентациите на Исланд, Ангола и на САД.
Првиот меч ќе го играме со САД на 19.06.2024 со почеток во 20.15 часот, вториот со Исланд на ден 21.06.2024 со почеток во 18.00 часот, во третото коло се среќаваме со Ангола на ден 23.06.2024 со почеток во 20.15 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Македонија во следниве неколку дена ќе настапи на турнир во Скопје што ќе биде финална проверка за формата пред СП.
Првите гости ќе пристигнат на 16 јуни, а првите репрезентации што ќе дојдат во Скопје се шампионот од 2022, репрезентацијата на Кореја и националниот тим на Египет.
Ракометната федерација ги врши финалните организациски подготовки и ќе биде комплетно подготвена на план на техничка организација на Светското првенство.