Нискобуџетната компанија „Изи џет“ (easyJet) планира да ги прекине операциите меѓу Женева и Скопје од почетокот на зимската сезона 2024/25, со што ќе заврши тригодишната континуирана услуга на македонскиот главен град, пишува Екс-ју Авиаотин њуз.
Авиокомпанијата го закажа својот последен лет меѓу двата града за 1 ноември. Продажбата на билетите потоа е запрена и е нејасно дали ќе се обноват операциите кон Скопје во текот на летото 2025 година, иако тоа е малку веројатно откако ќе заврши продажбата на билети на линијата и за следната година. Сепак, промените остануваат можни.
Минатото лето (од јуни до октомври) авиокомпанијата имаше 4 летови од Скопје за Женева, додека, пак, во остатокот од годината имаше 2 лета неделно.
За годинашниот летен период (јуни – октомври) компанијата ги сведе летовите на 2 пати неделно, по што, како што е најавено, се планира укинување на линијата.
Авиокомпанијата е единствениот оператор меѓу Женева и Скопје.
„Изи Џет“ влезе на македонскиот пазар во ноември 2021 година поттикнат од брзото закрепнување на секторот „Посетете пријатели и роднини“ за време на пандемијата на коронавирус. Тогаш од авиокомпанијата изјавија дека ќе ја одржуваат линијата доколку имаат патници, што е во рамки на нивната политика на одржување линии кои се популарни за патниците.
Во рамки на земјите од поранешна Југославија „Изи Џет“ ја опслужува Женева од Приштина 2 пати дневно ова лето, достигнувајќи го својот врв на 17 летови неделно во јули и во август. Таа, исто така, лета до швајцарскиот град од Белград 3 пати неделно. И двете линии се активни преку целата година. Оваа авиокомпанија има и сезонски летни летови од Женева до Дубровник, Пула, Сплит и до Тиват.