Денешниот 29. Конгрес на СДСМ е прекинат откако раководствата на општинските организации побарале дополнително време за подготовка на извештаите за парламентарните и претседателските избори. Посочуваат дека Конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за Извештајот за претседателските и парламентарните избори, а терминот дополнително ќе биде утврден.
„Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, на ниво на општински изборни штабови и на ниво на општински организации во конечната верзија на Извештајот за парламентарните и претседателските избори 2024 година. Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати со што се одлучи Конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци“, се наведува во соопштението на СДСМ.
На денешниот отчетен Конгрес на СДСМ, како што посочуваат, се анализирале изборните резултати на претседателските и парламентарните избори 2024 година, врз основа на подготвен детален и обемен Извештај.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ја образложил неговата одлука за повлекување од функцијата.
Генералниот секретар на СДСМ и шеф на изборниот штаб, Миле Зечевиќ Вардарски го презентирал деталниот Извештај за парламентарните и претседателските избори 2024 година по што била отворена дискусија во однос на Извештајот, во којшто се содржани и анализите на изборниот резултат.
Досегашниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски пред почетокот нагласи оти очекува денешниот Конгрес да биде успешен и од него, како што рече, СДСМ да излезе посилен, пообидинет и да влезе во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.
Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува директни напади од членовите на партијата за водењето на партијата и поразот што партијата го претрпе на изборите, Ковачевски истакна дека очекува отворена дебата за сите прашања што влијаеле на изборните резултати.
Досегашниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи смета дека денешниот Конгрес е точка на пресврт на партијата.
-Тоа што би требало секоја демократска партија после избори да го направи е отворено да се зборува за изборниот резултат, за сите состојби пред изборите и како понатаму во следниот период, особено што не очекува еден период на внатрепартиски период. Сметам дека е точка на пресврт во партијата и затоа е многу битен денот за мене, рече Битиќи.
Досегашниот претседател на партијата Димитар Ковачевски по изборниот пораз, на седница на партискиот Извршен одбор што се одржа на 22 мај, официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
-Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, информира тогаш СДСМ.
Во меѓувреме, на 6 јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ. Во периодот од 31 мај до 6 јуни, рок определен за кандидирање, кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.
Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни.