Стручниот колегиум на ЈЗУ УК за Државна кардиохирургија испрати реакција поради наводите изнесени во јавноста во вчерашната емисија WIN-WIN, на која беше гостин техничкиот министер за здравство во заминување, д-р Илир Демири, во која, како што велат, беа лиферувани безброј лаги, шпекулации и невистини во врска со долгогодишното работење на клиниката за кардиохирургија.
„Дали е целта да се направи дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми во здравството со што се доведуваат во општа опасност животот и здравјето на граѓаните на РС Македонија. Имено, командната одговорност за нефункционирањето на хируршкиот блок на клиничкиот центар, кој претставува срцето на здравствениот систем, е во рацете на човекот за чија стручност и професионалност сите беа информирани кога како раководител на КОВИД центарот во време на пандемија Македонија заврши на неславното 4. место во Европа и 6. место во светот по бројот на смртни случаи.
Зарем на овој човек ќе му се дозволи со давање паушални и своеволни субјективни судови, со кои ја доведува во прашање стручноста, капацитетот и многугодишното образование на малкумината специјалисти кои пожртвувано, свесно и одговорно го даваат и последниот атом од својата сила за да им помогнат и да ги лекуваат најтешките случаи за кои навидум нема спас, притоа запоставувајќи ги своите семејства, своето здравје и жртвувајќи го своето слободно време, да предизвика непоправлива штета?
Со злоупотреба на својата позиција како министер, се служи со секакви методи познати во некои други општествени уредувања за да дисциплинира исклучителни професионалци. Тој го доведува во прашање кредибилитетот на образовниот систем, медицинскиот факултет и сите професионални здруженија на лекари.
Ја напаѓа програмата на владата за кардиоваскуларни болести преку која во нашата институција дошле да ги споделат своите искуства врвни професионалци како проф. Омер Џемаили, кој е сега директор на одделот за Кардиохирургија во Цирих, Швајцарија, д-р Петар Ристевски кој е негов заменик, проф. Светозар Путник, директор на клиниката за кардиохирургија во универзитетската клиничка болница во Белград, проф. Слободан Мичовиќ, директор на институтот за кардиоваскуларни заболувања – Дедиње во Белград, проф. Иван Кнежевиќ, директор на хируршки блок при КБЦ – Љубљана, проф. Марек Ерлих, шеф на универзитетската клиника АКХ во Виена, проф. Теодосиј Биздас, врвен експерт во ендоваскуларната хирургија од реномираниот центар Оназис во Атина. Судејќи според неговата стручност и експертиза се сомневаме дека воопшто слушнал за овие центри и нивните достигнувања.
Очигледно мотивиран од други цели спротивни на хуманоста, грижата за здравјето и животот на граѓаните, а опкружен со луѓе кои се наоѓаат на дното на стручноста и професионалноста, неговиот порив е да се предизвика непоправлива штета на јавното здравство со непромислените и невистинити изјави, како и дејствија планирани во јавноста. Уште еднаш повикуваме релевантните институции задолжени за заштита на законитоста, животот и здравјето на граѓаните да реагираат согласно нивната надлежност. Го повикувам целиот еснаф, министерствата за здравство и за образование каде има сѐ уште професионалци кои си ја знаат својата работа. Истовремено го повикуваме Медицинскиот факултет при УКИМ, кој е директно нападнат со овие наводи, да излезе и да се произнесе. Неговите закани кои секојдневно ги слушаме во јавноста нема да нѐ поколебаат да ја докажеме вистината, да го одбраниме професионалниот и одговорен однос.
Времето ќе покаже и докаже на која страна е вистината.
Почитувани граѓани, ние сме професионалци кои ќе продолжат како досега да се грижат за вашето здравје и вашиот живот, и покрај сите актуелни случувања и по сите напади врз нашата стручност, бидејќи ние имаме морална и професионална одговорност кон сите вас.
Res, non verba (Дела, не зборови).
Со почит,
Стручен колегиум на ЈЗУ УК за Државна Кардиохирургија“