Довчерашниот лидер на Алтернатива, пратеникот Африм Гаши, денеска со поддршка од 76 пратеници беше избран за претседател на Собранието.
Веднаш по гласањето тој им се обрати на граѓаните и им се заблагодари за поддршката, а исто така вети дека новата функција ќе ја извршува чесно и законски.
Во продолжение, неколку информации за новиот спикер:
Роден е во Скопје на 9 ноември 1977 година. Во политиката активно се вклучи во декември 2014 година како дел од движењето Беса, а тогаш беше избран за пратеник во Собранието со мандат 2016-2020 година.
На 9 март 2019 година го ребрендираше името на партијата во Алтернатива, а практично до вчера беше лидер на оваа партија, но мораше претседателското столче да му го отстапи на сопартиецот Беким Сали поради кандидатурата за спикер во Собранието.
Основно и средно училиште завршил во Скопје. За време на средното медицинско образование се занимавал и со музика, а со својата хип-хоп група „Празни џебови“ учествувал на разни фестивали.
Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово во 2007 година, додека моментално е на постдипломски студии на Институтот за правни, социолошки и политички студии во Скопје, на насоката политички науки.
Извесен период работел и како уредник во „Логос-А“ во САД, а познат познат е и како публицист, активен со публицистички пишувања.
Во 2011 година го основал списанието „Шења“ и до 2014 година беше негов главен уредник.
Од 2014 година е активен и во политиката, основајќи го Движењето Беса. Тој е нејзин иницијатор, дизајнер и идеатор, а извесно време ја извршуваше и функцијата генерален секретар.
Во март 2019 година, по интервенциите на државните судови и неможноста за политичко функционирање, Африм Гаши одлучи да го ребрендира името на партијата во АлтернативА.
Оженет е и родител на две ќерки и еден син.